Опис на градот Прилеп
ПРИЛЕП
Прилеп — град во Македонија, сместен во северниот дел на Пелагониската Котлина, во јужниот дел на Република Македонија, до него се стасува преку магистралниот пат М-5. Има 73.925 жители и површина од 1.675 км². Се наоѓа на 128 км од главниот град Скопје.Прилеп е познат како „градот под Марковите Кули“ поради неговата близина до кулите на легендарниот херој Крали Марко (во Прилеп нарекуван Крале Марко).
Градот е одликуван со орден на народен херој на Југославија на 7 мај 1975 и е еден од осумте одликувани града во СФР Југославија со овој орден. Покрај тоа носители на овој орден се уште 14 лица кои потекнуваат од Прилеп и Прилепско.
Постојат повеќе претпоставки за потеклото на името на градот Прилеп. Според едно предание на Марко Цепенков, луѓето кои почнале да се доселуваат, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко, па поради прилепените куќи и градот го добил името Прилеп. Во истото предание се споменува дека градот бил прилебно место (место каде што се правело леб).
Според некои истражувачи името има старословенско потекло со значење блатно, мочурливо место, место покрај блато. Според Блаже Конески името Прилеп е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, кои се зачувани во руската антропонимија.
Градот Прилеп и околината се наоѓаат на надморска висина од 550-700 метри, а Прилепското Поле го ограничуваат високи планини (1500м) коишто условуваат умерено-континентална клима. Средната годишна минимална температура според мерниот пункт во Прилеп изнесува 6,1°С додека пак апсолутната максимална температура изнесува до 39,4°С. Овие температури се повисоки од апсолутните максимални температури во Струга, Ресен, Охрид и Битола. Малото количество на врнежи во текот на годината (500-600 мм) е услов за појава на послаби извори на вода. Прилеп и околината во текот на годината имаат најчести ветрови од североисточен правец. Североисточниот ветар дува со максимална брзина 22,5 m/s. Југоисточниот ветар дува со просечна брзина од 3,8 m/s.Градот има повеќе од 250 сончеви денови во годината.
Градот Прилеп има поволна демографска слика, бидејќи бројот на неговото население бележи константен прираст на секој попис. На почетокот на XX век, во Прилеп живееле 24.520 жители. За време на Балканските војни, бројот на населението опаѓа, па така во 1914 година изнесува 22.237 жители. Потоа започнува процес на миграција на турското население и Првата светска војна, а поради тоа населението во градот повторно се намалува и во 1921 година изнесува 18.508 жители. По овие периоди започнува постојан природен прираст на населението. Тоа се јавува првин поради доселувањето на извесен број колонисти од Југославија. Во периодот од 1948 до 1971 бројот на жителите во градот се зголемил повеќе од два пати. Тоа се должи на миграцијата село-град, како и на големиот природен прираст. Денес природниот прираст е во стагнација.
Прилеп е четврт по големина град во Македонија, а според последниот попис од 2002 година, во градот се регистрирани 66.246 жители.
Со новата територијална поделба селото Варош преку конурбација е споено со градот Прилеп и денес претставува негова населба. Заедно со сите жители од Варош, во градот Прилеп вкупно живеат 69.704 жители.
поред пописот на населението од 2002 година, во градот имало 66.246 жители и спаѓал во групата на големи градови.
Comments
Post a Comment